English French German Macedonian

Одбележан Светскиот ден на книгата и авторското право

PDFПечатиЕ-пошта

( 0 Гласа )

По повод светскиот ден на книгата и авторското право, беше организирана пригодна манифестација во НУУБ „Св.Климент Охридски“ - Битола.
Идејата за одбележување на овој ден потекнува од Каталонија, каде на 23-ти Април на денот на католичкиот празник Св.Јурја, традиционално се подарува ружа за секоја подарена книга , традиција која трае скоро 100 години.
Се смета дека токму оваа дата е избрана затоа што на 23-ти Април како повод е земена и смртта на великаните на светската книжевност Мигуел Де Сервантес и Вилијам Шекспир.

Со најмалите љубители на книгата го започнавме одбележувањето на Светскиот ден на книгата и авторското право. Деца  од градинката  ЈОУДГ “Естреја Овадија Мара“ со пригодна програма го честитаа празникот на вработените во Библиотеката.

На присутните гости им се обрати г. Науме Ѓоргиевски, директор на НУУБ „Св.Климент Охридски“ –Битола, кој истакна  дека  овој ден претставува убава можност заедно да размислуваме за подобро ширење на писмената култура и да му овозможиме на секој поединец, маж, жена, дете да ни се придружи во ширењето на читањето и поддршката на  занаетите и умешностите поврзани со издаваштвото, книжарниците, библиотеките, училиштата. Книгите се нашите сојузници во ширењето на образованието, науката и културата и на информациите, насекаде во светот.
Потоа следеше читање на пораките од г-ѓа Ирина Бокова, генерална директорка на УНЕСКО, во кој се истакнува   дека овој ден нẻ повикува да размислуваме долгорочно за преобразбата на книгата, и на вистинските вредности коишто треба да нẻ водат. Електронската книга отвора нови можности за достап до знаењата, по ниски цени и на широки пространства. Книгата во традиционална форма останува моќна технологија што не се расипува, која можеме да ја понесеме со себе и која му пркоси на времето. Секоја форма на книгата е драгоцена, таа не едуцира, ја шири културата и информациите. Разноликоста на книгите и нејзините содржини се извор кој збогатува: ние треба да ги поддржуваме со нашите јавни соодветни политики против културната униформираност. Оваа разноликост на книгата е наше заедничко богатство, таа прави книгата да биде и нешто повеќе од обичен материјален предмет: книгата е размена на идеи, најубавиот пронајдок на човекот што ги урива границите на просторот и на времето.
Во пораката по повод Светскиот ден на книгата и авторското право,  од македонскиот поет и есеист Никола Маџиров се потенцира дека не ги замислува зборовите заробени меѓу корици, изгравирани врз некој тежок камен или заплетени во електронската мрежа. Секоја книга може да биде запалена од премногу светлина или заборав; секој камен може да стане содржина на ѕид од затвор или библиотека; секој електронски збор може да биде избришан уште пред да изјавиме вечност. Сé е во движење: јазикот се менува; музејските клучеви ‘рѓосуваат; бојните полиња стануваат археолошки наоѓалишта; буквите некогаш биле слики - сега сликите се тишини.
Кога некој умира, молчат оние што ќе се присетат на неговите зборови. Кога книгата ќе се отвори, молчи целиот свет.
Нашиот однос кон книгата во голема мера го одредува нашиот однос кон културата. На Светскиот ден на книгата и авторското право да се обединиме околу книгата, да ги поддржиме оние што живеат од книгата и со книгата, и кои се чинители таа да живее. Следуваше читање-  извадоци од нашето македонско творештво:
Петре Димовски
Елизабета Јончиќ
Елена П. Костадиновиќ – извадок со наслов Збор 
Кире Неделковски
Никола Илијоски
Сара Трајчевска
Марија Здравевска
Книгите се нашите сојузници во ширењето на образованието, науката и културата и на информациите, насекаде во светот.
Токму затоа нашиот драг писател Радован П. Цветковски  им додели книги на учениците од основото училиште  Стив Наумов и средното училиште Јосип Броз Тито.

23.04.2013

Сподели на Facebook