English French German Macedonian

Книги и кафе со наши писателки

PDFПечатиЕ-пошта

( 0 Гласа )

НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола, ова лето ви ги претставува низ прекрасна дружба и кафе нашите локални писателки. Жени чие име го афирмира нашиот град и држава сега низ светот, преку прекрасниот пишан збор сплотен во прекрасни книги.

Проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска е писателка која има напишано и објавено 13 книги и уште 4 книги се во ракопис кои чекаат да бидат објавени. Која ја запрашавме за нејзините почетоци и за тоа од каде и кога пројавила толкава љубов кон пишаниот збор, таа се наврати во нејзините денови како ученик во основно образование. Ни раскажа за нејзиниот одделенски наставник Богоја Таневски, исто така познат писател, кој на крајот од секоја учебна година како награда за нејзиниот одличен успех ја наградува со книга поезија. Исто така додаде дека „ Првите зачувани творби во ракопис ми се од  5то или 6то одделение“.

Иако пишува од кога памети за себе, нејзини творби за прв пат ги објавува во книгата „Збор за зборот“ во издаваштво на Матица заедно со своите колеги професори од Педагошкиот факултет-Битола, Златко Жоглев и Гордана Стојаноска, во 2014 година. Од тој период до денес таа ги објавува и: еден универзитетски учебник со наслов Критичка писменост, две публикации - Водство во образованието, една коавторска книга за деца: Сообраќајна песнарка, збирка раскази – „Кафе, чај и црвено небо“ и уште 7 поетски книги: Поема за маргините, Црна точка, Стапалки, Три, Куќа на контрасти, Електронска крв и Математичка поезија. Нејзината најнова книга „Пеш по воздушна линија“ финансиски поддржана од Министерството за култура, а во издаваштво на Ми-Ан од Скопје е во печат.

За своите книги таа ни кажа: „Иако поголемиот дел ми се напишани од порано, нема некој хронолошки ред во поглед на објавувањето, така што се случува песните да бидат објавени повеќе години по создавањето.“

Наредното прашање кое ѝ го поставивме беше да ги сподели со нас нејзините најдраги награди, кои ги има добиено за своите книги. Таа ни кажа:„ За книгата „Електронска крв“ ја имам добиено наградата Караманов за 2019 година, а за мојата последна книга „Математичка поезија“ ја добив највисоката награда за поезија „Ацо Шопов“, што ја доделува Друштвото на писатели на Македонија. Оваа награда е од големо значење за мене, бидејќи неа ја добиле значајни македонски автори како што се Гане Тодоровски, Радован Павловски, Матеја Матевски, Анте Поповски и други.

Секогаш е чест и задоволство да се биде во друштво со една ваква прекрасна жена, мајка, професорка и писателка, со која разговорите никогаш не би имале крај, затоа што секогаш може да се слушне нешто прекрасно. За крај, ја запрашавме што би им порачала на нашите читатели, а таа ни одговори„ Да читаат современи македонски автори кои се ценети надвор од нашите граници и ја промовираат македонската книжевност насекаде низ светот.“

На наше огромно задоволство таа нѐ покани и ние присуствувавме на промоцијата на нејзината последна книга „Математичка поезија“ во издаваштво на Центарот за култура и културолошки студии - Скопје.

Ви благодариме што одвоивте време и што со нас го споделивте вашиот труд и знаење, ни ја збогативте нашата библиотека со уште ваши книги за што од срце Ви благодариме.

А нашите драги читатели би ги поканиле да дојдат и за изнајмат ваша книга, да пловат низ вашата прекрасна поезија.

Сподели на Facebook